Ракометна 2022, или како перото на САМОРАКОМЕТ ја преживеа?

Фото: Италијанскиот цртач Марио Импорта ја прикажува Европската Унија како нацистички логор на смртта во Аушвиц, а британскиот премиер Борис Џонсон како затвореник кој бега.

Ракометната 2021 ја заклучив со репликата на мојот некогаш многу драг пријател, Спортот е поздрав од политиката.

Годинава 2022, ја потврди неговата теза повторно. 2022 во светот и кај нас дома во Македонија потврди дека лицемерието, криминалниот ум и простотијата сеуште владеат.

Спортот не е имун, па често сведочиме на небулози од невидени размери. Јас во улога на куче, продолжувам да лајам, оставам пишана трага и се надевам на подобро утре.

Ги одбележуваме настаните од секој месец од годината која полека изминува со извадоци од нашите колумни, текстови, осврти и анализи.

Јануари

Македонија настапи на европското првенство во Унгарија и Словачка. Отидовме, видовме и се вративме со освоено трето место одзади.

Со несмален интензитет продолжувам да ја нарушувам, како Бице вели, совршената фигура извајана низ минатата 2021 полумаратонска сезона. Ерата на славите е во полн ек! Одбројувам сарми, руска, но јануари со години наназад ми создава и едни поинакви гастро тегоби!

Февруари

Металург после голготата беше исфрлен од сите системи на натпреварување а Вардар со Дејвис достојно не претставуваше во Лигата на Шампионите.

Еден од најтрофејните македонски клубови, расадник на таленти и репрезентативци, ги минува најтешките денови. Сценарија има неколку, што ќе се случува со клубот од Автокоманда раководството во моментов неможе точно да каже.

Но ајде прво за шпанецот што вондредно студирал на Хогвортс. Тој не побара време, ниту играчи, не се пожали на ростерот, ниту на распоредот. Тој едноставно ја промени крвната слика на Вардар.

Март

Исклучително богат со ракометни содржини.

Пелистер ги реши грцине,

Вардар се пласира во осминафинале,

имавме фантастичен гостин во подкастот, а

Македонија успешно го започна патот кон светското.

Април

Легендата најави заминување од Вардар, а во дуелот во кој Македонија беше подобра од Чешка за пласман на светско и продолжување на континуитетот, две други легенди се простија од Македонскиот свет дрес.

Неделното пролетно попладне пропратено со повремен дожд, ни ја донесе веста за одлуката на Тимур Дибиров да ја заврши својата одисеја во Вардар. Ќе оставиме време за да ги средиме впечатоците, но едно е сигурно сите ние а и тој самиот не сме замислувале дека крајот ќе дојде на ваков начин.

Пресот доцнеше прилично. Соблекувалната бурно славела. На самиот крај го поздравивме селекторот со честитки и со големо олеснување. Честитавме и потврдивме дека Чешка одигра одлично, а селекторот кусо искоментира “Сабате е тренериште”.

Мај

Вардар ја одбрани титулата во Македонија, ЕХФ Лигата имаше свој Ф4.

Ќе почнам од крајот. Некаде околу полноќ во Скопје пристигнаа ракометарите на Вардар. Беа пречекани од своите верни навивачи. Неколку стотина комити беа сведоци на огромната радост на вардаровите играчи.

Епските битки имаат вовед. Оваа не, не можеше ниту да се наслути дека ќе се претвори во битка уште помалку во епска!

Јуни

Пелистер во фокусот на домашната сцена, во Келн пак историја. Вардар брутално исфрлен од Лигата на Шампиони.

Некаде пред 2-3 години се врати Битола на ракометната мапа, македонска па полека и европска. Битолската публика која епитетот најракометна во потполност го заслужува, сепак покажа една друга слабост, трпеливост. Не тие не беа трпеливи, напротив, беа подготвени за брза офанзива и победа на македонскиот ракометен фронт.

Барса е по 11 пат шампион, би рекол заслужено, а  она што е за одбележување е дека тоа е прв тим што во ерата на Final 4 турнирите успеал да ја одбрани титулата. Титулата одбранета по одиграни продолженија од два пати по пет минути па згора на тоа уште и пенали.

Во купиштата статистички податоци и категории во кои е едноставно да се изгубиш, инспириран од американските професионални спортови, барам категорија во која сме единствени. Како народ, како држава, како клуб.

Јули

Мирно лето

Моите новинарски гуруа од новата ера, Иван, Фран и Хрвоје, темава ја сметаат за една од клучните во спортот. За да се би имало смисла, сите аквизиции, напорната работа, инвестициите, потта и крвта, на крајот сакаме да сумираме.

Август

Струшкиот турнир со проблеми.

Но Струга е симбол и на македонскиот ракомет. Турнирот, на отворено, кој обележа 50 години, само малку сум постар од него, е манифестација од суштествено значење за македонскиот ракомет. Струга несомнено е и најголемиот расадник на македонски играчи, па чисто како показател во финалето настапуваа ни помалку ни повеќе, ами 6 стружани. Браво !

Септември

Пелистер повторно, Савевски отворено за женскиот ракомет.

Имаше дискусија за сините и зелени дресови во битолската чаршија. Постарите Чкембари беа задоволни и со едните и со другите.

Со една од ракометните живи легенди, разговараме за сосотојбите во женскиот ракомет во Македонија. Има ли надеж, има ли потенцијал, како да создадеме играчи.

Октомври

Македонија со нова физиономија го започна новиот циклус квалификации.

Во ракометните аматерски анализи кои ги спроведуваме со голема страст и жестина, како влезна информација значаен дел зазема и реториката на двата табора. Така овојпат не помина не забележана изјавата на турските официјални лица дека ова за нив е натпревар од историско значење! Хм, ајде да размислиме, тие никогаш не играле на европско, никогаш не ја победиле Македонија, Португалија ги понижи, немаат елитни играчи, ниту елитен тренер, нивниот жежок терен полн со основци и гимназијалци. На што ја базираа оваа изјава?

Ноември

Македонија еден од домаќините на женското европско првенство.

Во триптихот кој спонтано се создаде, имајќи впредвид дека нашата прогноза беше јасна, три порази, во кој бркаме некој под десет разлика (што всушност и се случи, со Франција на граница и со Романија под 10, што значеше своевиден успех според нашата анализа) се обидувам да објаснам неколку клучни моменти.

Декември

Подкастот САМО РАКОМЕТ со првата дама гостин.

Тања е една од Македонските најуспешни ракометарки и клубски и репрезентативно. Посветена со сето свое срце на ракометот отворено зборува за минатото и сегашноста. Македонскиот женски ракомет го допира дното. Има ли надеж?

Ух, ова навистина беше една долга година…

Сподели на

ЧИТАЈ РАКОМЕТ СО ГОРАН ЃОРГОНОСКИ....

Се уште СВЕЖО....

ПОСЛЕДНИ 5...